Хелсиншкиот комитет за човекови права на Р. Македонија, во соработка со Институтот за мир и човекови права од регионот Долна Нормандија, Франција, организираше Летна школа за млади со фокус на кривичните дела направени поради етничка или верска омраза.
На отварањето, со поздравни говори се обратија проф. Д-р Гордан Калајџиев – Претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Р. Македонија, г-ѓа Лоренс Оер – Амбасадор на Франција во Р. Македонија и Ивана Димитрова – претставник на Децентрализираната соработка меѓу регионот Долна Нормандија и Р. Македонија.
На покана на претставниците на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а со благослов на Викарот на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, Неговото Преосвештенство Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид, учество во оваа школа зеде јеромонахот Иринеј од Православната Охридска Архиепископија.
Учеството на Православната Охридска Архиепископија беше во делот од програмата предвиден за разговор со жртвите на злосторствата од верска омраза.
Јеромонахот Иринеј ги пренесе искуствата од придружбата на Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко, кога на кавадаречките гробишта, на погреб на припадник на Православната Охридска Архиепископија, беа нападнати од приватно обезбедување, испратено од страна на МПЦ. Притоа, присутната полиција немо го следеше нападот, а ниту еден од припадниците на МПЦ јавно не се огради од тоа злосторство, направено заради верска омраза. Личното сведоштво, поткрепено со известувања, фотографии и видео снимки од насилството и прогонот оставија силен впечаток, а студентите од Франција во разговорот констатираа дека иако и во нивната земја постоеле различни верски спорови, никогаш државната власт не заземала страна во овие спорови, а уште помалку, пак, ги употребила државните органи, полицијата и судот, за да издејствува насилно решавање на верски спор.
Учесниците во школата, студенти од Р. Македонија и Франција, имаа можност одблиску да се запознаат со државниот прогон врз верска основа, како и со насилствата што ги преживуваат претставниците на канонската Црква во Р. Македонија, Православната Охридска Архиепископија, а особено нејзиниот Претстоител, Архиепископот охридски г.г. Јован.
Извор: Охридска архиепископија




















