Празникот на Рождеството Христово денес беше прославен во сите богослужбени места на Православната Охридска Архиепископија.
Во 2002 година, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован го воспостави канонското и литургиско единство со Соборната Црква исцелувајќи го постоечкиот раскол! Оттогаш, во Р. Македонија, спротивно на основните цивилизациски и демократски начела, граѓаните коишто по слободен избор едноставно не сакаат да бидат расколници, т.е. припадниците на Православната Охридска Архиепископија го прославуваат Рождеството Христово во особени околности на државен прогон и терор врз верска основа. Нејзиниот Претстојател, Архиепископот охридски г.г. Јован, од 2002 год., само заради неговото исповедништво на соборниот карактер на Црквата – затворан е седум пати, а и денес, веќе над две години, под лажни обвиненија, се наоѓа во суров затворски режим. Против него и против Епископи, монаштво и верен народ на Православната Охридска Архиепископија во политички монтиран судски процес, донесена е нова осудителна пресуда.
За празникот на Рождеството Христово, Неговото Преосвештенство Епископот полошко-кумановски и Местобљустител дебарско-кичевски г. Јоаким богослужеше во Куманово.
Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко богослужеше во Штип.
Неговото Преосвештенство Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид, богослужеше во Скопје.
Во сите богослужбени места низ нашата татковина, верниот народ на Православната Охридска Архиепископија усрдно му се молеше на Богомладенецот Христос за што побрзо ослободување на Архиепископот охридски г.г. Јован од затворот во кој се наоѓа, и за прекин на државниот прогон и говорот на омраза врз верска основа што се спроведува кон припадниците на канонската Црква во Р. Македонија.
На денешниот ден трулежното и нетрулежното се проникнуваат во единство. Следствено, Рождеството Христово во суштина и претставува повик кон сите луѓе, коишто го немаат тоа единство – да влезат во единството на Телото Христово, во Соборноста на нашата Црква!
Извор: Охридска архиепископија

















