На покана на Здружението за заштита на српските споменици во Р. Македонија и на Здружението „Срби на окуп“, во нивните простории, во с. Кучевиште, скопско, беше совршена службата на благословување на славскиот колач, по повод празникот на светиот Сава, Архиепископот српски.
Години наназад, оние Срби коишто се црквуваат во канонската Црква на Р. Македонија, за своите празници повикуваат канонски, православен свештеник. Така и оваа година за празникот на светиот Сава, службата ја соврши свештеник од Православната Охридска Архиепископија.
Оние Срби, коишто се верници на Православната Охридска Архиепископија, се жалат на одземањето на нивните основни верски слободи од страна на државата, со упорното судско одбивање да биде регистрирана Црквата на која по слободен избор ѝ припаѓаат и со државниот прогон, монтираните судски процеси и затворските казни за Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.
На службата беа присутни претседателите на здруженијата, проф. Др. Бора Ристиќ и г. Киро Пирковиќ, како и претставници на српската заедница во Р. Македонија.
Извор: Архиепископија охридска



















