Izaberite stranicu

Интернет презентацијата на Православната Охридска Архиепископија денес прославува 10 години од своето постоење. Првиот текст на оваа страница беше објавен на денешен датум во 2004 година.
Во нашата татковина со децении се молчеше за проблемот на расколот создаден од страна на Комунистичката партија во 1967 год., а тие што премолчуваа, со молкот потврдуваа дека се „премногу удобно распнати на крстот“. Со чесни исклучоци, вратите на најголем дел од домашните средства за информирање, по политичка директива беа и сè уште се затворени за дебата, која би придонела за конечно решавање на наследениот проблем на расколот. Голем дел од новинарите, во улога на „политички назначеници“, по инерција од периодот на едноумието со говор на омраза и без чувство за заедничка иднина, ширеа и шират дезинформации во однос на Православната Охридска Архиепископија. Бездруго тоа е една од причините и деновиве да биде нагласено дека „состојбата со медиумите во Р. Македонија претставува причина за загриженост“!
Имајќи го предвид реченово, сметаме дека интернет страницата на Православната Охридска Архиепископија објективно и навремено ја информираше домашната и пошироката јавност за сите настани, кои во изминативе десет години ставија печат на времево во коешто живееме. Притоа, нашава интернет страница беше единствениот извор од кој македонската јавност можеше да се информира за тортурата и седумте затворски казни спроведени над Архиепископот охридски Јован во последниве десет години, за физичките напади врз свештеници, врз монахињи и верници на Архиепископијата, за рушењето на храмови и богослужбени места, за монтираните судски процеси и за политичките пресуди на пословичното македонско судство изречени против Црквата, едноставно за сите облици на државен прогон, кој врз верска основа сè уште се спроведува врз Архиепископот охридски Јован и врз сите припадници на Православната Охридска Архиепископија.
И, не само тоа! На оваа интернет страница, во последниве десет години, објавени се мноштво теолошки текстови, авторски содржини и преводи, кои за првпат излегуваат на виделина на современ македонски јазик. Тие текстови на мнозина им помагаат во збогатување на нивната теолошка наобразба, како што и на мнозина им биле од помош при нивното пристапување во канонската Црква во Р. Македонија, Православната Охридска Архиепископија.
Засега, нашата интернет презентација останува единствениот прозорец кон Соборната Црква во нашата татковина. Оваа страница и во иднина ќе продолжи усрдно да ја извршува својата дејност нудејќи им на посетителите автентични четива од различни сфери на црковното живеење, придонесувајќи така на конструктивен начин во проблематизирање, освестување и решавање на основните недоумици поврзани со поимањето на Црквата. Истовремено ќе продолжи да нуди посведочени и проверени информации за актуелните случувања од животот на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква во нашата татковина и ширум светот.

Од Редакцијата

Извор: Охридска архиепископија

Pin It on Pinterest

Share This